Во Барселона денеска почна судењето (треба да заврши до среда), на Дани Алвеш, поранешен фудбалер на Барселона, ПСЖ, и репрезентативец на Бразил.
На Алвеш му се заканува казна затвор до девет години, како што бара обвинителството, а ќе мора да плати и 150.000 евра компензација на жената која го обвини дека ја силувал во бањата на ексклузивниот ноќен клуб Сатон во Барселона на 31 декември 2022 година.
Алвеш во своја одбрана рече дека имале консензуален секс. Но тој првично во телевизиското интервју негираше дека ја познава жената.
Според обвинителството, Алвеш, кој бил на одмор во Барселона по Светското првенство (СП) во Катар, на младата жена и на нејзината пријателка им понудил шампањ. Алвеш потоа ја поканил жената во помал дел од ноќниот клуб.
Жената тврдела дека не знаела оти тоа е тоалет. Откако влегле, фудбалерот станал „насилен“ и ја принудил на секс, на што таа се спротивставила.
– Жртвата неколку пати го замолила да ја пушти. Таа рече дека сакала да си замине, но обвинетиот ја спречил во тоа, изјавија обвинителите, опишувајќи „ситуација на страв и ужас“ за младата жена.
Адвокатскиот тим на Алвеш ја загуби битката судењето да се одржи зад затворени врати. Медиумите и јавноста нема да бидат присутни кога обвинетата чиј идентитет не е откриен ќе сведочи.
Шпанските судови постојано ги одбиваа барањата за ослободување на Алвеш кој е во притвор од 20 јануари 2023 година, поради, како што наведоа, ризикот од бегство во Бразил, земја што не ги екстрадира своите државјани.
Алвеш е еден од најтрофејните светски фудбалот. Меѓу 42-та трофеи, се три во Лигата на шампиони (ЛШ) со Барселона и два во Копа Америка со Бразил.