Фудбалската репрезентација на Македонија (до 21 година) денеска во 16 часот, на тренинг центарот „Петар Милошевски” ќе го одработи првиот тренинг со кој ќе го означи стартот на подготовките за двата квалификациски натпревара против Гибралтар и Шведска, за пласман на Европско првенство (ЕП) 2025 година.
Во првиот меч од мартовскиот циклус, на 21-ви, Македонија игра против Гибралтар, а пет дена подоцна е дуелот со Шведска. Двата меча ќе се играат на арената „Тодор Проески” во Скопје.
Стандардниот член на репрезентацијата на Македонија и фудбалер на Работнички, Стефан Деспотовски со коментар за предизвиците во наредниот период.
– Со нетрпение ги очекуваме дуелите со Гибралтар и со Шведска. Играме на домашен терен, што претставува позитивна работа за нас. Сакаме да покажеме дека победата над Шведска во првото коло не беше случајна. Но најпрво треба да го одиграме мечот со Гибралтар. Фокусирани сме максимално на тој меч кој мораме да го добиеме, изјави Деспотовски за интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ)
– Имаме игра, создаваме шанси, располагаме со цврстина и квалитет, се’ што би требало да краси една квалитетна репрезентација. Мислам дека треба да бидеме многу поефективни и помудри во завршницата и да ги реализираме шансите, истакна Деспотовски.
Во досегашниот тек од квалификациите за пласман на ЕП, во групата 7, Македонија има скор од една победа и три порази.