Драган Силјаноски, поранешниот македонски репрезентативец, назначен е за спортки директор на фудбалската репрезентација на Македонија, до 21 година.
Во долгогодишната кариера тој настапуваше за повеќе македонски клубови (Напредок, Победа, Слога југомагнат и Шкендија), а потоа кариерата ја продолжи во белгиски Антверпен, каде што работеше и по завршувањето на играчката кариера.
– Навистина сум возбуден и почестен што и се приклучувам на Фудбалската федерација на Македонија како спортски директор на репрезентацијата до 21 година. Оваа селекција, според мене, ја има клучната улога во обликувањето на иднината на македонскиот репрезентативен фудбал. Тоа го потврдува блиското минато и се разбира сегашноста, ако го гледаме составот на најдобрата македонска репрезентација.
– И како фудбалер, но и како човек од фудбалот, секогаш сум бил посветен на зајакнување на односите меѓу сите во тимот, се’ со цел да се искористи потенцијалот за да се направи добар резултат. Се надевам дека со моето искуство ќе донесам некоја нова динамична енергија и во оваа репрезентација.
– Тесно ќе соработуваме со нашиот тренерски потенцијал, со административниот тим и со клучните луѓе во федерацијата за да се осигура дека фудбалерите ќе ја добијат поддршката и се’ што им е потребно за да напредуваат на теренот и надвор од него, истакна Силјановски за интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).