На стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси, на 19 јули, ќе се одигра финалето на Светското првенство (СП) 2026 година во фудбал. Стадионот кој е „дом“ на Њујорк џајантс и на Њујорк џетс, се наоѓа во Ист Радерфорд, во Њу Џерси, и е со капацитет од 82.500 места.
Тој беше еден од стадионите на кои се играа мечеви на СП 1994 година. Стадионот „Ацтека“ во Мексико сити (83.000 места) ќе биде домаќин на воведниот натпревар по групи, на 11 јуни.
Мексико е една од трите земји ко-домаќини на проширениот турнир со 48 тима, покрај САД и Канада, што ќе трае рекордни 39 дена. Мексико беше организатор на две СП, во 1970 и во 1986 година, а САД еднаш, во 1994 година.
Канада првпат е домаќин, а првиот натпревар таму ќе биде во Торонто на 12 јуни. САД првиот натпревар ќе го играат на стадионот „Со-Фај“ во Лос Анџелес, исто така, на 12 јуни.
Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, заедно со комичарот и актер Кевин Харт, раперот Дрејк и познатата Ким Кардашијан, ги објави плановите откривајќи дека натпреварот за третото место ќе се одигра во Мајами.
Четвртфиналињата ќе се играат во САД, во Лос Анџелес, Канзас сити, Мајами и во Бостон, а двата полуфинални меча во Далас и во Атланта. Далас ќе биде домаќин на рекордни девет натпревари.
Ждрепката за СП треба да се одржи кон крајот на 2025 година. Турнирот ќе трае 10 дена повеќе од последното СП во Катар 2022 година.
Натпреварите ќе се играат во 16 града, вклучувајќи ги Монтереј и Гвадалахара во Мексико, и Ванкувер во Канада. Филаделфија, Хјустон, Сиетл и Сан Франциско се другите во САД. Само Гвадалахара нема да биде домаќин на нокаут натпревар.
Тимовите најверојатно ќе се соочат со многу патувања помеѓу натпреварите. Најкраткото растојание помеѓу четвртфиналето и полуфиналето е нешто повеќе од 800 км, од Канзас сити до Далас, а најдолгото помеѓу Лос Анџелес и Атланта, околу 3.500 км.
ФИФА соопшти дека распоредот бил изготвен во консултација со засегнатите страни, вклучувајќи ги селекторите на националните тимови и техничките директори.
Новиот формат ќе има 12 групи со по четири тима и за прв пат нокаут рунда со 32 тима. Домаќините на турнирот мечевите во групната фаза ќе играат во нивните земји, а САД ќе останат на западниот брег со два натпревара во ЛА и еден во Сиетл.
Канада ќе игра еден натпревар од групната фаза во Торонто, потоа два во Ванкувер, додека Мексико ќе игра двапати на „Ацтека“ и еднаш во Гвадалахара.