Откако пред извесен период беше потпишана соработка на Борис Бекер со седмиот светски рекет, Данецот Холгер Руне, сега е потврдено дека се договориле за прекин на соработката.
Иако се најавуваа големи резултати и подем во формата на Данецот, сепак до тоа не дојде, па по неколку месеци, оваа соработка е раскината меѓу двете страни.
– Сакам да ве известам дека престанувам со извршување на улогата на главен тренер на Холгер Руне. Започнавме соработка со цел да дојдеме до завршниот АТП Мастерс минатата година, но не го остваривме тоа. Покрај приватните и професионални обврски, моментално на Холгер не можам да му пружам максимум за она што тој го посакува. Му посакувам се најдобро во иднина и секогаш ќе му бидам голем фан, порача Борис Бекер.
Бекер во играчките денови беше шесткратен освојувач на гренд слем турнири и прв играч на АТП листата, а како тренер успешно соработуваше со Ѓоковиќ во периодот од 2013 до 2016 година.
Што се однесува до Руне, тој нема старт на сезоната каков што очекуваше. Зад себе има неуспешен Австралија Опен, каде беше елиминиран во второто коло од Артур Казо, кој е 80-ти играч во светот.