Голем скандал ја потресе Турција, откако Фудбалската федерација на земјата (TFF) откри дека стотици судии и официјални лица биле вмешани во обложување на фудбалски натпревари, што е строго забрането со правилникот на федерацијата.
Според извештаите, од 571 активен судија во турските лиги, дури 371 имале отворени сметки за обложување, а над 150 активно се коцкале. Еден од судиите, наводно, имал повеќе од 18.000 уплати на различни тикети, што ја алармирало федерацијата и истражните органи.
TFF веднаш покрена внатрешна истрага и најави „строги санкции“ за сите инволвирани, вклучувајќи суспензии, трајни исклучувања и можни кривични пријави.
„Нема да има толеранција за вакво однесување. Секој кој ја нарушил довербата и интегритетот на натпреварите ќе биде соодветно казнет,“ стои во официјалното соопштение на федерацијата.
Овој скандал сериозно ја разниша довербата во турскиот фудбал, кој веќе неколку сезони се обидува да ја подобри својата репутација по бројни контроверзии со судиски одлуки и сомнежи за наместени натпревари.
Се очекува во следните недели TFF да ги објави имињата на судиите под истрага и првичните дисциплински мерки, додека дел од случаите ќе бидат предадени на јавниот обвинител.