Шели-Ен Фрејзер-Прајс: Спринтерската легенда ќе се пензионира по Париз 2024

Трикратната олимписка шампионка, Шели-Ен Фрејзер-Прајс (37), која се смета за една од најдобрите спринтерки на сите времиња, вели дека му „должи“ на своето семејство повлекување по Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз летово.

Таа ја освои титулата олимписка шампионка на 100 метри во Пекинг 2008 и во Лондон 2012 година. Во Токио 2020 година, исто така освои златото на олимписката штафета, 4х100 метр. Три од 10-те светски титули, таа ги освои откако го роди синот во 2017 година.

– Нема ден кога одам на тренинг, а да не си кажам: „Доста е со ова. Му требам на мојот син. Мојот сопруг и јас сме заедно од пред да победам во 2008-та. И тој се жртвуваше за мене. Ние сме партнери, тим. Поради таа поддршка можам да ги правам работите што ги правев сите овие години. И мислам дека сега им должам да направам нешто друго, изјави таа.

Фрејзер-Прајс додаде дека годинашните Игри во Париз се за „да им покажеме на луѓето дека застануваме кога ќе одлучиме. Сакам да завршам според мои услови“.

Вкупно, Фрејзер-Прајс има освоено три олимписки злата, четири сребра и една бронза. Таа стана најстарата жена што ја освоила светската титула на 100 метри, во Доха 2019 година. Тој рекорд и го подобри со триумфот во Јуџин 2022 година, 14 години по првото олимписко злато.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО