Тренерот во Академијата при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Неџат Шабани, кој работи со генерацијата до 14 години, денеска беше гостин на програмата на Спортско радио 90,3 ФМ.
– Наша главна цел е да ги подготвиме младите фудбалери за наредните предизвици и за тоа што ги чека во повозрасните категории. Работиме според програмата и под надзор на УЕФА. Се обидуваме од мали нозе да ги научиме на дисциплина, ред, тактичка поставеност и пред се’, да бидат психолошки силни, вели Шабани.
Тој вели дека е презадоволен од прикажаното на пријателските мечеви со Турција и Словенија.
– Од тие четири средби требаше на минимум две да победиме. Покажавме карактер, желба за успех и, што е најзначајно, игравме без притисок. Имаме талентирани фудбалери за кои мора максимално да се грижиме. Не смееме да дозволиме по нивното заминување во клубовите да паднат во сенка, истакнува Шабани.