Спортистите на САД и на Кина ќе освојат најмногу медали на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз летово. Предвидувања се дека САД ќе освојат вкупно 123 медали, од кои 39 злата, а Кина 89 медали, односно 35 златни.
Овие две земји беа најуспешни и пред три години на Игрите во Токио кои беа одложени за една година поради пандемијата на ковид-19.
Ова прогноза ја направи Нилсен Грејснот спортс (Nielsen’s Gracenote Sports), која обезбедува статистичка анализа за спортските лиги ширум светот. Исто така, ги следи и големите натпреварувања во кои се вклучени олимписки спортови кои водат до Игрите.
Ова би било осми пат по ред САД да освојат најмногу медали на ЛОИ. Во 1992 година на Игрите во Барселона, таканаречениот Заеднички тим составен од спортисти од поранешниот Советски Сојуз, кој штотуку се распадна, беше на врвот според вкупниот број медали.
Последен пат САД не беа на врвот според освоените злата на ЛОИ во Пекинг 2008 година, каде што доминираше домаќинот Кина.
Следни во анкетата на Грејснот се (вкупно и злато): Велика Британија (66-13), Франција (55-28), Австралија (50-13), Јапонија (49-13), Италија (47-12), Холандија (38-18), Германија (36-9) и Јужна Кореја (24-9).
Земјите домаќини секогаш освојуваат многу медали, па се очекува и Франција да биде поуспешна отколку во Токио кога освои 33 медали.