Ракометниот клуб Вардар 1961 ги информираше своите навивачи дека продажбата на сезонските билети за сезоната 2026/27 ќе започне на 10 август и ќе трае до 23 август.
Сезонските билети ќе овозможат влез на сите натпревари од првата групна фаза во Лигата на шампионите, како и на сите средби од домашното првенство, вклучувајќи ги регуларниот дел, плеј-офот и натпреварите од Купот на Македонија.
По завршувањето на продажбата ќе следува замена на билетите со пластифицирани картички. Од клубот најавија и новитет во продажбата на билетите. Отсега Вардар ќе користи сопствена платформа за продажба, а билетите ќе можат да се купуваат исклучиво по електронски пат, без можност за физичка продажба.
Инаку, „црвено-црните“ и официјално се вратија во Лигата на шампионите по четиригодишна пауза, а ждрепката за групната фаза е закажана за 26 јуни, кога ќе бидат познати и противниците на македонскиот шампион.