Македонскиот интернационалец во дресот на загрепски Динамо, Стефан Ристовски пред големото дерби против Хајдук во Сплит во сабота, со јасна порака до навивачката група „Торцида“: „И, што сега? Што треба да правиме? Ќе играме, па нека има и 100.000 навивачи“!
Дали во подготовките за реванш мечот во Солун против ПАОК (1:5) во Лигата на конференции (ЛК), имаше претерано акцентирање на некаква „пеколна атмосфера“ што ќе ве’ очекува таму, дали тоа се одрази негативно на тимот во психолошка смисла, го прашаа новинарите играчот на Динамо, пишува Спортске новости.
– Не знам, можеби кај некого имаше. Но, тоа секако не влијаеше врз мене, фудбалот се игра на теренот, не на трибините. Впрочем, ние сме искусен тим, одигравме многу натпревари во таква „жешка“ атмосфера. Ако тоа може да биде изговор за лоша игра, тогаш воопшто не мора да одиме на такви гостувања, да си останеме дома и да се предадеме. Тоа се глупости и приказни за мали деца…
Слична атмосфера се најавува и на дербито на Пољуд…
– Па, ќе не’ пречека слична атмосфера како во Солун. И, што да правиме? Видете, ако сакате да бидете шампион, ако сакате да имате победнички, шампионски гард, треба да се справите со сè, вклучително и со 100.000 ривалски навивачи, ако е потребно! Тоа мора да биде само дополнителен мотив за нас, истакна Ристовски.