Ристовска: Можеме да и парираме на Шпанија!

Женската ракометна репрезнтација на Македонија ја очекуваат два важни натпревара против Шпанија, во групата 5, во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2024 што од 28 ноември до 15 декември ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

Првиот меч е в четврток (18 часот), во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а реваншот во Ланзароте, Шпанија на 3 март.

Македонија веќе забележа две победи, дома над Азербејџан (40:17) и на гости над Литванија (31:27), како и Шпанија.

– Шпанија е силна репрезентација и наредните два меча ќе бидат од големо значење и вистински показател за нашите квалитети. Но фокусот е на нашата игра. Драго ми е што по подолго време повторно сме заедно. Добро и напорно работиме на тренинзите и се надевам дека ќе одиграме квалитетен натпревар, вели Сара Ристовска, една од најискусните во редовите на Македонија.

Во македонската репрезентација има неколку ракометарки кои настапуваат во странство и кои се носителки на играта во своите клубови.

-Тоа се забележува во секој поглед, најмногу по напредокот во нивната игра. Потоа и во однесувањето и ангажманот на тренинзите и надвор од нив. Во репрезентацијата доаѓаат со нови мотиви, со нови амбиции, желби, приоритети, тоа многу помага, истакна Ристовска, во разговорот на Спортско Радио 90,3 ФМ.

Играта на Шпанија која важи за фаворит во групата, е анализирана, се знаат добрите, но и понекоја лоша страна.

– Знаеме што не’ чека, знаеме како треба да одиграме, во одбраната, но и во нападот. Ако сите одиграме добро како колектив можеме да се надеваме на добар исход. Мислам дека можеме да им парираме, да одиграме добро и против најдобрите. Може да се случи и чудо, оптимист е Ристовска, ракометарката на ЦСКА Москва, која од јуни ќе настапува за Рапид Букурешт.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО