На програмата во ПМФЛ денес се одигра само еден натпревар, но тоа беше дербито помеѓу Струга Трим Лум и Шкупи. На крајот двете најдобри екипи во првенството одиграа одличен натпревар во кој ги поделија бодовите (2:2).
Домаќините тргнаа офанзивно од самиот старт, па така уште во втората минута добија можност да го отворат резултатот. Шабани излезе сам пред голманот Иљази кој го фаулираше за најстрога казна. Бесарт Ибраими ја презема одговорноста, но Иљази го одбрани ударот од белата точка.
Тоа беше и најголемата шанса за отворање на резултатот во првиот дел, па на полувреме мрежите мируваа.
Вториот дел донесе многу повеќе возбудувања. Шабани донесе водство за Струга во 54. минута, асистенција запиша Ибраими. Шкупи до изедначување дојде во 66. минута, а одново гол постигна зимското засилувае Гронер кој најдобро се снајде во шеснаесетникот.
Само две минути подоцна по грешката во одбраната на Шкупи гол постигна Радески за 2:1. На 15-тина минути до крајот дефанзивецот Руатубјае го совлада Ќосевски за конечните 2:2.
Останатите натпревари од ова 20. коло на програмата се утре.