Продолжен договорот: Легендарната Сузука домаќин на Ф1 трки најмалку до 2029-та

Патеката во Сузука ќе биде домаќин на трката за Големата награда (ГН) на Јапонија најмалку до 2029 година, откако беше потпишан новиот, петгодишен договор со Формула 1 (Ф1).

Сузука имаше противник во Осака, која беше заинтересирана да биде домаќин на улична трка во наредните години.

Трката за ГН на Јапонија годинава ќе се вози пролетва, место наесен. Промената е направена за да се намали патувањето меѓу трките во тој дел од светот. Трката во Сузука е четврта сезонава, на 7 април, помеѓу трките за ГН на Австралија и на Кина.

Сузука се смета можеби за најтешкиот тест за возачите во календарот, и Ф1 сметаше дека е незамисливо да се замени патека со таков статус со улична трка, без оглед на промените во Ф1 во таа насока последниве години.

– Сузука е дел од структурата на овој спорт. Затоа, јас сум воодушевен што Ф1 ќе продолжи да има трка таму, барем до 2029 година,  изјави првиот човек на Ф1, Стефано Доменикали.

Сузука, која е во сопственост на Хонда, првпат беше домаќин на Ф1 во 1987 година. Легендарниот статус го стекна поради комбинацијата на брзи свиоци, како и по тоа што беше домаќин на некои драматични настани.

Меѓу нив беа и контроверзните одлучувачки трки за титулата меѓу Аиртон Сена и Ален Прост во 1989 и во 1990 година, кои завршија со судири.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО