Молдавецот Петру Ојог (34) до лани беше претседател на сега веќе непостоечкиот локален клуб Сфинтул Георге. Неговата играчка кариера, а и секоја друга во фудбалот, заврши деновиве.
Молдавската фудбалска федерација (ФНФ) преку својата Етичка комисија донесе одлука да го суспендира Ојог од фудбалот 15 години! Причината е местењето натпревари. Заедно со него казнет и е фудбалерот, Игор Бондаренко, но на значително пократок период од една година.
Во соопштението за медиумите на ФНФ се наведува дека пресудата е донесена „поради вмешаност во манипулација и активности врз резултатите на одредени натпревари во фудбалскиот шампионат на Република Молдавија“.
Оваа одлука на Етичката комисија ја потврди и Комисијата за жалби на ФМФ, со што и официјално стапија на сила казните за двајцата. Дисциплинскиот кодекс на ФИФА наложува казните за Ојог и Бондаренко да се прошират на глобално ниво.
Дополнително, Ојог ќе треба да плати и парична казна од 15.000, а Бондаренко од 8.000 евра. ФНФ ја претстави одлуката како „цврста заложба на федерацијата да се бори против местењето натпревари и да го заштити интегритетот на спортските натпревари“.