Познати се три од четирите екипи кои следната сезона ќе настапуваат во Втората македонска фудбалска лига, по денешните бараж натпревари за пополнување на второлигашката конкуренција.
Тимот на Еуромилк со пресврт и победа од 2:1 против Каменица Саса обезбеди враќање во Втора МФЛ. Тимот од Лисиче на најдобар можен начин ја заокружи успешната сезона и повторно ќе биде дел од второлигашкото друштво.
Сигурен настап имаше и Кожуф, кој убедливо го совлада Борец со 4:0 и го потврди својот второлигашки статус. Гевгелискиот состав ја оправда фаворитската улога и без поголеми проблеми стигна до посакуваната цел.
Во пресметката меѓу двата третолигашки тима, Камјани беше подобар од Победа Валандово и со триумф од 2:0 обезбеди место во Втората лига за следната сезона.
Последниот патник во ВМФЛ ќе биде познат по неделниот бараж натпревар меѓу Тетекс и Влазними. Дуелот ќе се одигра на стадионот во Ѓорче Петров, по што ќе биде комплетиран составот на второлигашката конкуренција за сезоната 2026/27.