Минатогодишниот финалист, Фиорентина ќе игра против Бриж, додека Астон вила ќе се соочи со Олимпијакос во полуфиналето на Лигата на конференции (ЛК) во фудбал. Првите натпревари се закажани за 2 мај, а реваншите една недела подоцна, на 9 мај.
Два дуела беа решени со подобро изведување на пенали. Астон вила го елиминира Лил откако во двата меча домашните беа подобри со по 2:1. Англичаните беа попрецизни од белата точка на гости во Франција, а херој беше Емилијано Мартинез кој одбрани два пенала.
Олимпијакос на пенали го елиминира Фенербахче. Турците победија дома со 1:0 и ја анулираа предноста на Грците од првиот меч. Но во пенал рулетот беше 3:2 за Олимпијакос.
Фиорентина ја елиминира Викторија Плзен по продолженијата, откако на двата натпревара беше 0:0. Италијанците во дополнителните 30 минути дома влегоа со играч повеќе и таа надмоќ ја претворија во победа од 2:0.
Најубедливи беа фудбалерите на Бриж кои по победата над ПАОК од 1:0 во Белгија, триумфираа и во Грција, со 2:0.