Кол Палмер ќе се врати во тимот на Челзи за саботното гостување кај Астон Вила во Премиер лигата додека тимот на менаџерот Маурисио Покетино ја продолжува битката за обезбедување квалификации за европските клупски натпреварувања.
Екипата на Челзи ја зазема деветтата позиција на табелата во моментов со 47 поени од 32 одиграни натпревари, а Палмер е заеднички најдобар стрелец со напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Холанд со 20 гола досега. Тој поради болест го пропушти поразот од Арсенал од 5:0 во претходното коло.
„Да, Кол Палмер добро тренира во последните неколку дена. Очекуваме да биде подготвен за утре и да биде дел од тимот“, им потврди на новинарите претходно денеска Маурицио Покетино.
„Тој е многу добар фудбалер – клучен играч за нас и се гледа дека имаме проблеми во негово отсуство“, додаде аргентинскиот стручњак.
„Не сме таму каде што сакаме да бидеме. Мораме да останеме позитивни бидејќи тоа е единствениот начин да се оди напред. Никогаш не треба да се откажуваме. Ќе се обидеме да ја исполниме нашата цел и да го извлечеме најдоброто од играчите, со тоа немаме оправдување да настапиме под нашето ниво и да не бидеме сконцентрирани, но во исто време сме луѓе, а не машини“, коментира менаџерот на Челзи.