Почнува нова ера за Англија: Саутгејт замина, в.д. селекторот Карлсли има два меча да се покаже

Новата ера на фудбалската репрезентација на Англија почнува утре со привремениот селектор Ли Карсли, кој ќе го води тимот на претстојните натпревари против Р. Ирска и Финска во Лигата на нации (ЛН).

Поранешниот селектор Герет Саутгејт го напушти тимот по поразот во финалето на Европското првенство (ЕП) од Шпанија (1:2) летово, а Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) не најде замена, па на таа функција привремено го назначи 50-годишниот Карсли.

Карсли беше селектор на младата репрезентација на Англија (до 21 година), а сега ќе ја води најдобрата селекција во Даблин против Ирска и во вторник против Финска на „Вембли“. Тој би можел да остане подолго на клупата, бидејќи во октомври следуваат нови натпревари во ЛН.

– Тој е одличен тренер на тактички план, неговото водство на тимот е одлично. Мислам дека оваа улога одлично му одговара, изјави фудбалерот на Нотингем форест, Морган Гибс-Вајт, кој е дел од националниот тим.

Минатата година Гибс-Вајт ја освои титулата на ЕП со младата селекција на Англија, предводена од Карсли.

По осум години Саутгејт ја напушти репрезентацијата што ја водеше во две последователни финалиња на ЕП и две последователни полуфиналиња на Светските првенства (СП). Англија чека меѓународна титула од 1966 година.

ФА има строги барања и изјави дека целта е „да се победи на турнирот и тимот постојано да биде на врвот со најдобрите светски репрезентации“.

Од ФА изјавија и дека новиот селектор треба да има големо искуство во англискиот фудбал, со добри резултати во Премиер лигата или на големите натпреварувања.

Се шпекулираше дека Јирген Клоп би можел да биде нов селектор, но тој рече дека сака една година одмор, бидејќи го напушти Ливерпул на крајот од минатата сезона.

Карсли нема искуство во Премиер лигата, но неговата работа е ценета во однос на развојот на младите играчи, бидејќи беше дел од успешната фудбалска академија на Манчестер сити.

Освојувањето на титулата на младинското ЕП е прва титула за Англија во тоа натпреварување од 1984 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО