Бразилското крило Савињо уште пред неколку месеци го договори својот трансфер од Жирона во Манчестер сити, а вечерва дојде и официјализацијата и потпишувањето на договорот.
Савињо кој има 20 години, минатата сезона беше феноменален (11 гола и 10 асистенции) во дресот на Жирона, има голема заслуга што тимот беше сензација во шпанската лига и се избори за место во Лигата на шампионите, а долго беше и во трка за титулата.
Договорот е на пет години. Савио Мореира де Оливеира, или скратено Савињо, ќе биде претставен пред навивачите на настан во Манчестер во недела на 4-ти август.
– Многу сум среќен што му се приклучувам на Манчестер сити, шампионот на Премиер лигата и победникот на Светското клупско првенство. Сите знаат дека тоа е најдобриот тим на светот во моментов, па да се биде овде е многу возбудливо за мене. Среќен сум поради шансата да работам под водство на Пеп Гвардиола еден од најголемите тренери и некој што ќе ми помогне да напредувам. Се радувам на новиот предизвик, изјави Бразилецот.