Селекторот на машката одбојкарска репрезентација, Хари Наковски ги собра одбојкарите во Маврово каде што ќе биде првиот подготвителен сегмент пред стартот на квалификациите за ЕП 2026. Потоа македонската репрезенација ќе оди на тестови во Црна Гора и во Швајцарија, па дома ќе ја бруси формата на турнирот „Чајка“ со уште два противника, а ќе има и дополнителен двомеч на домашен терен. Ова е планот до 16-ти август кога одбојкарите ќе патуваат во Тбилиси за првиот натпревар од квалификациите против Грузија. Вториот ќе биде во Скопје со Грција на 25-ти август. Две победи на Македонија речиси со сигурност ќе значат четврти континентален собир во серија.
Во составот се 14-мина одбојкари. За разлика од Европската златна лига, тука е Александар Љафтов што е големо засилување. Поради повреда ќе го нема Лука Костиќ што значи дека повторно ќе има четворица примачи. За позиција техничар, покрај Ѓорѓи Ѓорѓиев и Давид Стојанов, ќе конкурира и Ефтим Ричлиев, а надвор од тимот се дебитантите од последната акција Кристијан Илиев и Михајло Мирасчиев. Сите други се стандардни.
Состав на македонската одбојкарска репрезентација:
Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев (Бурса-Турција), Давид Стојанов (Фужинар-Словенија), Ефтим Ричлиев (Струмица 47&72)
Коректори: Никола Ѓорѓиев (АЦХ Љубљана – Словенија), Стојче Арсов (Работнички 71&22)
Примачи: Владо Милев (Струмица 47&72), Александар Љафтов (Ал Васл – ОАЕ), Стојан Илиев (Анагенисис – Кипар), Тоше Ефремов (Весна Пробиштип)
Средни блокери: Филип Маџунков (Хасроде – Белгија), Филип Савовски (Војводина – Србија), Филип Лепидовски (Таково – Србија)
Либера: Дарко Ангеловски (Работнички 71&22), Костадин Ричлиев (Штип УГД
Квалификации за Европско првенство 2026 (мажи)
17.08.2024 (14.00) Грузија – МАКЕДОНИЈА
25.08.2024 (20.15) МАКЕДОНИЈА – Грција