Рони О’Саливен е победник на Мастерсот што се одржа во „Александра“ Палас во Лондон. Најдобриот снукер играч на светот и за многумина најдобриот на сите времиња, ја надомести негативата од 3:6 во фрејмови против Али Картер и го совлада со 10:7, за рекордна осма Мастерс титула.
-Искрено, не знам како го освоив турнирот. Се обидов да играм без притисок, а Али направи неколку грешки кои ги искористив. Беше агресивен, но промаши неколку топки за кои бев сигурен дека е ќе ги погоди и така ми даде шанса, изјави О’Саливен, додавајќи дека бил подобар снукер играч кога имал 12 години отколку сега!
О’Саливен, кој беше најмладиот победник, сега, на 48-годишна возраст стана и најстариот победник на Мастерсот. Победата му донесе парична награда од 250.000 фунти. Поразениот Картер доби 100.000 фунти.
О’Саливен за малку ќе ја пропуштеше можноста за освојување на титулата. При доаѓањето на турнирот минатата недела, тој пристигнал пред паркингот на пет минути пред почетокот на мечот против Динг Џунхуи.
Постоела опасност да не стигне навреме, а згора на тоа обезбедувањето не го препознало во прв момент. Го немало ниту неговото име на списокот со право на паркирање пред „Александра Палас“. За негова среќа се нашол некој што добр го познава и се’ добро завршило.
Што се однесува до Картер, по поразот во финалето, тој истакна дека веднаш ќе се согласел на тој резултат пред турнирот и тврди дека оди во вистинска насока.
-Дадов се’ од себе, но не беше доволно, изјави играчот кој има болна животна приказна.
Британскиот играч кој почнал да игра снукер во 1996 година дури двапати успеал да го победи ракот. Првпат дознал дека има рак во средината на 2013 година. Станува збор за рак на тестисите, по што бил опериран. На играњето снукер му се вратил на крајот од таа година.
За жал, следната година повторно добил лоши вести. Лекарите му дијагностицирале рак на белите дробови, по што морал да направи подолга пауза. Но, ниту тоа не го спречило да му се врати на снукерот, кој без прекин го игра веќе осум години.
Никогаш не освоил ниту еден од трите најголеми турнири. Играше во две финалиња на светските првенства и двете ги загуби.