Во ноќта кога сите погледи беа вперени во Лигата на шампиони (ЛШ), Премиер лигата беше сведок на најголемиот камбек во последните 20-на години. Борнмут го победи Лутон со 4:3, иако по првото полувреме беше во негатива од 0:3.
Бурнмут беше многу подобар по паузата, даде четири гола, со што стана петтиот тим во историјата на Премиер лигата што анулирал негатива од 0:3, односно трет откако на полувремето губел со 0:3.
Другите два тима кои забележаа вакви подвизи беа Манчестер јунајтед кога го победи Тотенхем со 5:3, во септември 2001-та, и Вулверхемптон против Лестер 4:3, во октомври 2003 година.
Лутон кој е без победа на последните седум натпревари, ја пропушти шансата да освои значајни бодови и да побегне од зоната за испаѓање. Тие се на 18-то место со 21 бод, три помалку од 17-от Нотингем форест, кого го пречекуваат во сабота. Борнмут е 13-ти по првата победа на домашен терен во 2024 година.
Лутон постигна гол на 16 последователни натпревари во Премиер лигата што е клупски рекорд. Тие имаат постигнато повеќе голови од Манчестер јунајтед сезонава, 41-39!
Натпреварот беше одложен по прекинот на 16 декември при резултат 1:1, кога капитенот на Лутон, Том Локиер доживеа срцев удар на теренот. Тој датум е врежан во сеќавањата на тие што беа сведоци на тој настан на стадионот „Виталити“.
Ова беше шанса да се прослави животот и здравјето на капитенот на Лутон. Тој дојде со своите соиграчи во Борнмут и доби аплаузи од двете навивачки групи, посебно во 59. минута, моментот кога колабира.
На теренот, пред почетокот на мечот, тој се сретна и им се заблагодари на медицинските лица кои му го спасија животот.
Борнмут направи гест без преседан и го стави Локиер, противнички играч, на насловната страница на нивната меч-програма, со што непријатностите од декември минатата година ги претвори во позитивни.
На навивачите на стадионот им беа понудени совети за здравјето на срцето. Домашните навивачки групи собраа и пари за да им помогнат на навивачите на Лутон да ги покријат патните трошоци за да допатуваат во Борнмут.