Не станува збор за суеверие: Салах за менувањето на копачките и двата гола на Њукасл

Промената на копачките на полувремето беше среќна за Мохамед Салах на мечот против Њукасл, 4:2 во Премиер лигата. Египќанецот промаши пенал во првото полувреме, но во вториот дел даде два гола и еднаш му асистираше на Коди Гакпо.

– Не станува збор за суеверие бидејќи јас користам многу копачки. Но, кога ќе почувствувам дека такви мисли ми се плеткаат во главата, во ред, треба да ги сменам копачките. Си велев смири си го умот, фокусирај се на играта, изјави Салах по мечот.

Салах кој ќе му се приклучи со Египет за мечевите на Купот на Африка (од 13 јануaри до 11 февруари) сега е заеднички најдобар стрелец во Премиер лигата со Ерлинг Халанд од Манчестер сити.

– Си реков: „Зар ќе заминеш во репрезентацијата со ваков настап? Не, навистина. Морав да се покажам“, рече Салах, мислејќи на промашениот пенал во 22 минута.

Ливерпул доминираше против Њукасл во дождливата и ветровита вечер на „Енфилд“, упатувајќи 35 шута кон кон противничкиот гол од кои 15 во рамките на голот.

-Не морав да ја читам статистиката, бидејќи се’ видов. Не застанавме, тоа е најважното. Супер игра од почеток до крај, со супер висок интензитет, рече менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп.

Клоп имаше мал пех по мечот кога го загуби венчалниот прстен на теренот додека им ракоплескаше на навивачите. За негова среќа набргу го најде и потоа го бакна со насмевка пред телевизиската камера.

-Ќе беше навистина ужасно доколку не го најдов. За среќа се’ добро се заврши. Еднаш го изгубив во море и морав да ангажирам професионален нуркач за да го најде, објасни Клоп.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО