Навивачите на Хајдук прават чуда: Го направија клубот милионер!

Според хрватските медиуми, до утринава на Хајдук му се приклучиле околу 70.000 навивачи кои на тој начин му донеле повеќе од милион евра во вид на членарина.

Откако повеќе од 11.000 навивачи му се приклучија на клубот уште на првиот ден од новата 2024 година, Хајдук објави кон која бројка цели до својот роденден, на 13 февруари.

Во Хајдук, каде што настапува и македонскиот репрезентативец, Александар Трајковски, беа презадоволни од тие почетни бројки и најавија дека целта им е до роденденот на клубот да имаат над 65.000 членови.

Но излезе дека Хајдук ги потценил сопствените навивачи бидејќи таа бројка на членови зададена како цел за 13 февруари беше надмината речиси еден месец порано.

Колку чини да се биде член на Хајдук? Малолетниците и постарите од 65 години плаќаат по 10 евра годишно, а лицата од 18 до 65 години по 20 евра. Секој дополнителен член на семејството добива попуст од две евра, а оваа поволност може да се искористи за најмногу пет члена на семејството.

Хајдук е еден од ретките клубови кои во реално време го објавуваат бројот на членови и сумата собрана од членарината. Досега има 69.287 членови, кои на Хајдук му платиле 1.101.372 евра.

Навивачите побрзаа да му се придружат на Хајдук и поради кампањата „Слика и можност“, која може да ја користат само оние кои ќе му се приклучат на клубот до 13 февруари, кога ќе се слави 113-от роденден.

Десетици илјади членови на Хајдук ќе можат да прикачат своја фотографија со мотиви на Хајдук во тунелот низ кој фудбалерите излегуват на тревникот на стадионот „Пољуд“ и на тој начин да ја покажат својата припадност кон клубот.

Секако, еуфоријата на Хајдук ја подгреа и доаѓањето на Иван Перишиќ од Тотенхем, кој минатата недела потпиша за саканиот клуб од родниот град, фрлајќи ги во делириум навивачите.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО