Најмалата земја на ЕП, Фарски Острови, ги има најголемите ракометни таленти

На 16.ЕП во ракомет што синоќа почна во Германија ќе дебитираат три репрезентации, и сите три денеска од 18 часот ќе ги играат првите натпревари. Станува збор за Грузија, Грција и за Фарските Острови.

Грузија ќе игра против Холандија во групата Е, Грција ќе ги одмери силите со Португалија во групата Ф, а Фарски Острови се среќава со Словенија во групата Д.

Меѓу трите репрезентации, посебно внимание привлекува онаа која доаѓа од најмалата земја, Фарските Острови кои имаат 50.000 жители и всушност не се независна држава, туку автономна провинција во рамките на Данска.

Но една толку мала нација успеа да „произведе“ некои од моментално најголемите таленти во европскиот и светски ракомет.

Најголема ѕвезда на Фарските Острови е 21-годишниот Елијас Елефсен а Скипаготу, кој игра за Кил. На 29 меча сезонава во Лигата на шампиони (ЛШ) и во Бундеслигата, Елефсен имаше одличен учинок од 83 гола и 49 асистенции.

Покрај него најпознато име во составот е Хакун Вест ав Теигум (21), десното крило на Фукс Берлин, тимот кој моментално го дели првото место во Бундеслигата со Магдебург.

На Фарските Острови им претстои тешка задача на ЕП, бидејќи се аутсајдери во групата со Норвешка, Словенија и со  Полска. Но тие  не планираат да служат за поправање на гол разликата на ривалите, туку напротив, ќе се обидат да ги изненадат.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО