Надал ја забележа 1.069-та турнирска победа и го мина Лендл

Шпанецот Рафаел Надал му се врати на тенисот по паузата од една година поради повреда, победувајќи го Доминик Тием со 7:5  6:1 за 1,29 часа игра во првата рунда на турнирот во Бризбејн.

Со таа победа Надал, 22-кратниот грен-слем шампион, испиша нови редови во книгата на рекорди. Тоа беше 1.069-та победа за него во професионалната кариера, со што се искачи на четвртото место на вечната листа, пред Иван Лендл, Американецот со чешко потекло, кој има 1.068 победи.

-Ова е емотивен и важен ден за мене по, веројатно, една од најтешките години во мојата кариера. Ми недостигаше да бидам здрав, ми недостигаше да се чувствувам конкурентен и да играм пред полни трибини. Не знам колку сум конкурентен, предолго отсуствував, изјави Надал.

На листата на тенисери кои постигнале најмногу победи во поединечна конкуренција на професионално ниво прв е Американецот Џими Конoрс (1.274 победи). Зад него се Швајцарецот Роџер Федерер (1.251), Србинот Новак Ѓоковиќ (1.089), потоа следуваат Рафаел Надал, Иван Лендл итн.

Доколку продолжи во ист стил, Надал би можел да го подобри и процентот на победи. Во таа категорија најдобар е Ѓоковиќ, 1.089/213 победи и порази или 83,6 отсто. Надал е  втор, 1.069/220 (82,9 отсто), трет е Швеѓанецот Бјорн Борг, 654/140 (82,4), четврти Федерер, 1.251/275 (82), петти е Конорс, 1274/283 (81,8) итн.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО