Модриќ во сабота го „урива“ Матеус и ќе биде на чекор до Малдини!

Не’ делат уште три дена до најголемиот натпревар во европскиот клупски фудбал. Во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) на легендарниот стадион „Вембли“ во Лондон во сабота ќе се сретнат Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.

„Кралскиот“ клуб ќе атакува по 15-та европска титула, а Борусија ќе се обиде да триумфира по втор пат, откако тоа го направи во 1997 година.

Капитенот на хрватската репрезентација, Лука Модриќ ќе го игра шестото финале во ЛШ со Реал, а во претходните пет беше успешен! „Кралевите“ се во неверојатна серија, ги добија сите осум финалиња во ЛШ по ред во кои играа. Последен пат беа поразени во финалето во 1981 година, од Ливерпул.

Се чини дека секогаш кога Модриќ ќе истрча на теренот, поставува нов рекорд или се запишува во историските книги на Реал. Тој веќе стана најстариот играч кој настапувал во првенството и во ЛШ, а сега има можност да стане и еден од рекордерите меѓу финалистите.

Модриќ во сабота ќе има точно 38 години и 266 дена, а доколку одигра барем една минута во Лондон, тоа ќе го стави на четвртото место меѓу најстарите играчи кои некогаш играле во финалето на ова натпреварување.

Моментално „најдобрата петорка“ ја сочинуваат Едвин ван дер Сар кој имаше 40 години и 211 дена кога играше во финалето 2011 година со Манчестер јунајтед, Џанлуиџи Буфон со 39 години и 126 дена во финалето 2017-та со Јувентус, Паоло Малдини со 38 години и 331 ден во финалето 2007-та со Милан, Лотар Матаус со 38 години и 66 дена во финалето 1999-та со Баерн и Рајан Гигс на 37 години и 180 дена во финалето 2011 година со Манчестер јунајтед.

Што се однесува до најстарите победници во ЛШ, тој рекорд го држи Малдини од 2007 година играјќи за Милан против Ливерпул во финалето, 2:1. Малдини тогаш имаше 38 години и 331 ден, па доколку Модриќ ја освои титулата во сабота ќе биде вториот најстар освојувач на ЛШ во историјата.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО