Гоманот Никола Митревски беше меѓу најдобрите во македонскиот тим, имаше 10 одбрани против Франција, но и тоа не беше доволно за избегнување на убеливиот пораз.
-Добро почнавме, бевме во егал во првите 15 минути, донекаде контролиравме што се случува на теренот, но потоа нивната одбрана ја направи разликата. Почнавме да правиме грешки кои тие лесно ги користеа во полуконтра и контра. Не знам што да кажам после 39 примени гола, тоа е разликата меѓу Франција и Македонија, рече Митревски.
Тој вели дека Французите играат врвни натпревари среда-сабота, и оти треба многу да се работи за да им се доближиме. Митревски посочи дека се работи на искоренувањето на македонскиот менталитет, но играчите се’ уште се мачат да одржат во исто темпо 60 минути.
-Да го немаме нашиот менталитет, ќе миневме подобро. Се обидуваме да го искорениме македонскиот менталитет, се обидуваме да играме 60 минути и да не се откажуваме. Повторно не ни успеа, ќе бевме позадоволни ако загубевме со 5-6 гола разлика. Тие не загубија ниту една топка во транзиција, играат 60 минути, а ние не, истакна Митревски.