Меѓународен спорт во 2025: Дуплантис прескокна 6.30 метри, Норис стави крај на доминацијата на Верстапен во Ф1

Лисабон беше домаќин на финалето во Лигата на шампиони за жени во кое Арсенал ја совлада Барселона со 1-0.

Светското клупско првенство се одржа во САД во проширен формат со 32 екипи, а титулата ја освои Челзи, совладувајќи го во финалето европскиот првак ПСЖ со 3-0. Сепак, францускиот тим го освои Суперкупот на УЕФА, откако на пенали 4-3 (2-2) го совлада Тотенхем во Удине, а својата најуспешна година во историјата ја комплетираше со освојувањето на Интерконтиненталната титула на ФИФА. По пенали, францускиот клуб славеше против бразилскиот Фламенго со 2-1, откако регуларниот дел заврши 1-1

Четвртото издание на фудбалската Лига на нации го освои Португалија, која до својата втора титула во ова натпреварување дојде со победа во финалето во Минхен над Шпанија на пенали со 5-3 (2-2).

Финалето во ракометната Лига на шампиони во Келн донесе германско финале во кое Магдебург го совлада Фуксе Берлин со 32-26, додека унгарски Ѓер ја продолжи својата доминација на европската клупска сцена во женска конкуренција, освојувајќи ја седмата титулата во Лигата на шампиони. Во финалето во Будимпешта унгарскиот тим беше поуспешен од Одензе со 29-27.

Египет беше домаќин на 15. издание на Светско клупско ракометно првенство на кое Барселона во финалето го совлада Веспрем со 31-30 по продолженија.

Прв пат во историјата, завршниот турнир во кошаркарската Евролига се одржа надвор од Европа, а титулата на фајнлфорот во Абу Даби го освои Фенербахче, триумфирајќи во финалето над Монако. Во малото финале, Олимпијакос го совлада Панатинаикос.

Евробаскетот 2025 заврши со доминација на Германија која во финалето ја совлада Турција со 88-83, додека во натпреварот за бронзата Грција го совлада најголемото изненадување на турнирот Финска со 92-89.

На Европското првенство за кошаркарки чиј домаќин беше Грција, титулата ја освои Белгија, која ви драматично финале ја совлада Шпанија во 67-65, додека со бронзата се закити Италија.

Италијанските одбојкари ја освоија петтата светска титула во историјата совладувајќи ја во финалето во Пасај репрезентацијата на Бугарија со 3-1, додека во финале во пет сетови, Италија ја совлада Турција и ја освои титулата на Светското првенство за одбојкарки.

Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис го собори светскиот рекорд во скок со стап по 14 пат во својата блескава кариера, откако на Светското првенство во Токио прескокна 6,30 метри.

Британскиот Ф1-возач Ландо Норис првпат во својата кариера ја освои светската титула во Формула 1, и со стави крај на владеењето на Макс Верстапен, кој четири години во низа беше на тронот со Ред Бул. ег/зс/

Фото: ЕПА

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО