Матеус го предупредува Винициус да поработи на однесувањето и да престане да ги провоцира сите!

Легендарниот германски фудбалер, Лотар Матеус го предупреди играчот на Реал Мадрид, Бразилецот, Винициус Жуниор дека Нејмар е погрешен пример за него и оти треба да го подобри своето однесување.

Винициус во вторникот во Доха ја прими наградата за најдобар фудбалер на годината во изборот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Во изјава за Билд, Матеус рече дека Винициус е брилијантен фудбалер, но и дека треба да поработи на своето однесување кое според него е слично на сонародникот Нејмар.

„За мене тој е новиот Нејмар. Тој е супер талент, но како и Нејмар се однесува на свој начин. Ги провоцира навивачите, избира да се конфронтира со противниците, провоцира со гестикулациите. Има одличен финиш, брзина, се’ е прва класа, но што се однесува до однесувањето, тој е на погрешен пат, Нејмар му е погрешен модел“, изјави Матеус.

Минатата сезона Винициус постигна 24 гола на 39 натпревари во сите натпреварувања и ја освои титулата со Реал во Ла лига и во Лигата на шампиони (ЛШ), каде што беше стрелец во финалето против Борусија Дортмунд, како и шпанскиот Суперкуп, каде постигна хет-трик, во финалето против Барселона.

Бразилецот честопати е мета на расизам за време на натпреварите во Шпанија и годинава ја одбележа неговата борба за рамноправност. Но добива многу критики за однесувањето на теренот, бидејќи честопати без потреба се расправа со противничките играчи, со судиите и со навивачите.

На натпреварот против Рајо Валјекано (3:3) минатата недела, Винициус доби жолт картон поради недолично однесување, па сега поради насобраните опомени ќе мора да го пропушти следниот натпревар. Тој недолично гестикулираше и кон противничките навивачи.

Винициус и Реал Мадрид се налутија затоа што Бразилецот не ја доби „Златната топка“ на УЕФА, поради што ја бојкотираа церемонијата во Париз на крајот на октомври. Признанието за најдобар го доби фудбалерот на Манчестер сити, Шпанецот, Родри.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО