Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, кој важи за еден од фаворитите за нов селектор на Италија, во саботата ја отфрли таа можност, истакнувајќи дека се гледа долгорочно во „росонерите“, кои се трети во Серија А.
„Мојата кариера зборува сама за себе, честото менување клубови не е дел од мојата ДНК. Сакам да работам во клуб кој функционира како компанија и треба така да се управува“, изјави Алегри на прес-конференцијата пред утрешниот натпревар со Верона.
„Сакам да работам и да гледам напредок. Не можеме да ја освоиме Лигата на шампионите за две години, но мора да ја имаме таа амбиција, бидејќи ако не размислуваш за иднината, остануваш во минатото“, додаде стратегот, кој го водеше Милан и од 2010 до 2014 година, а потоа во два наврати беше тренер и на Јувентус.