Полјакот Шимон Марчинјак и Французинката Стефани Фрапар прогласени се за најдобри судии на светот за 2023 година во анкетата на Интернационалната федерација за фудбалска историја и статистика (ИФФХС).
Полскиот судија го доби ова признание и во 2022 година, додека Фрапар петти пат во низа е судија на годината, почнувајќи од 2019-та. Само Италијанецот Пјер Луиџи Колина има повеќе вакви признанија од Фрапар, шест, од 1998 до 2003-та.
Марчинјак (42) доби најмногу поени (175), пред Италијанецот Даниеле Орсато, добитникот на ова признание во 2020 година и пред Французинот Клемен Турпан.
Марчинјак ја делеше правдата на финалето на Светското првенство (СП) во Катар 2022 година, Аргентина – Франција. Лани судеше и на финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) помеѓу Манчестер сити и Интер во Истанбул.
-Тоа беше одлична година со убави натпревари и добри одлуки, но како што се случува во судењето, имаше и одлуки кои требаше да бидат подобри. Му благодарам на мојот тим, на моето семејство и на сите пријатели што секогаш и секаде ме поддржуваат. Запомнете дека нема фудбал без судии, затоа почитувајте не’, рече Марчинијак.
Фрапар го судеше финалето на Светското првенство (СП) за жени во Австралија/Нов Зеланд. Зад неа според гласовите беа Американката Тори Пенсо и Велшанката Шерил Фостер.
Во 2019 година, Фрапарт стана првата жена која судела натпревар во француската Лига 1. Следната година, таа беше првата жена судија на натпревар во ЛШ. Во 2022 година, Фрапар беше една од трите жени судии на СП во Катар.