Марадона ја загубил „Златната топка“ на покер? Судот забрани да се продава

Ауакцијата на украдената „Златна топка“, која во 1986 година ја доби легендарниот аргентински фудбалер, Диего Армандо Марадона, е прекината со одлука на Апелациониот суд во Версај.

Судот на тој начин ја прифати жалбата на двете ќерки на Марадона, кои тврдат дека „Златната топка“ е сопственост на семејството на починатиот фудбалер и оти не може да се продава на аукција.

Марадона ја доби „Златната топка“ како најдобар играч на Светското првенство (СП) во Мексико 1986 година, каде што ја предводеше Аргентина до титулата.

Речиси сите негови натпревари на тој шампионат беа легендарни, особено мечот против Англија во четвртфиналето (2:1) кога еден гол постигна, како што го нарече, со „Божја рака“, а другиот откако предрибла неколку англиски фудбалери. Аргентина во финалето ја победи Западна Германија со 3:2.

Марадона почина во 2020 година, а неговите наследници тврдат дека таа „Златна топка“ е украдена и оти сегашниот сопственик нема право да ја продаде. Нивниот адвокат рече дека ќе побараат одземање на трофејот и дека ќе поднесат пријава за кражба.

Околу тој трофеј кружеа разни гласини. Се зборуваше дека Марадона го изгубил на покер или дека го продал за да ги исплати долговите.

Исто така, беше кажано дека Марадона го чувал во банка во Неапол, која ја ограбиле локални криминалци во 1989 година, додека тој играл за Наполи. Наследниците на Марадона веруваат дека трофејот е украден од банката.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО