Македонската фудбалска репрезентација овој месец ќе го искористи за одигрување контролни натпревари, но овој пат целта не е иста како онаа од пред три години кога се подготвуваше за историскиот настап на Европското првенство (ЕП).
Најдобрата македонска селекција во наредните денови ќе одигра два контролни натпревара, денеска против Хрватска, а потоа на 10 јуни против Чешка, селекции учеснички на претстојното ЕП.
Селекторот на Македонија, Благоја Милевски јунските натпревари ќе ги искористи за нова проверка на силите и на квалитетите на поединци, а најверојатно и за нови комбинации во тимот пред стартот на новата сезона во Лигата на нации (ЛН) наесен.
Последните натпревари кои ги одигравме беа исто така контролни и ремизиравме со Молдавија (1:1), а минимално загубивме од Црна Гора (0:1). Сега, пред македонските репрезентативци се натпревари против далеку посериозни ривали од оние во март.
Хрватска речиси една деценија е при врвот на светскиот фудбал, тоа го докажа и на последното Светско првенство (СП) на кое беше трета. Ова ЕП ќе биде посебно бидејќи за неколку ѕвезди во репрезентацијата на Хрватска тоа ќе биде последно големо натпреварување.
Поради тоа, селекторот Златко Далиќ за вечерашниот натпревар со Македонија реши на некои од поискусните играчи им даде одмор, а шанса ќе им даде на помладите.
Квалитетот и фаворитската улога е на страната на Хрватска. Македонија за оваа средба ќе биде без капитенот Енис Барди, кој го повреди рамото. Натпреварот во Ријека на стадионот „Рујевица“ почнува во 19 часот.