ЛШ: Диего Симеоне ќе му се приклучи на елитното тренерско друштво

Во Лигата на шампиони (ЛШ) во фудбал, вечерва (21 часот) ќе се одиграат уште два осминафинални натпревара. Интер е домаќин на Атлетико Мадрид, а ПСВ во Ајндховен ја пречекува Борусија Дортмунд.

Интер, ланскиот вицешампион, има постигнато 298 гола во Купот на европските шампиони/Лига на шампиони (вклучувајќи ги квалификациите) и посакува да стигне до бројката од 300 гола.

Аргентинецот Диего Симеоне, сегашниот тренер на Атлетико, мина две години кај „нероаѕурите“ како играч, освојувајќи го и Купот на УЕФА во сезоната 1997/98.

Вечерашниот натпревар ќе биде 100-ти за него во ЛШ како тренер, деветти кој стигнал до ваков подвиг.

Во тоа елитно друштво тој ќе им се приклучи на Карло Анчелоти (198), Алекс Фергусон (190), Арсен Венгер (178), Пеп Гвардиола (166), Жозе Мурињо (145), Мирчеа Луческу (115), на Масимилијано Алегри и на Јирген Клоп (двајцата по 100 меча).

ПСВ има добра сезона, за што говори и пласманот во осминафиналната нокаут рунда во ЛШ, за прв пат по 2015/16-та, како и тоа дека сезонава не е поразен на домашен терен.

Но и гостите се во одлична форма и се во серија од осум натпревари без пораз. Тренерот Един Терзиќ зимава го засили тимот со Џејдон Санчо, кој донесе живост во нападот, и со Иан Матсен кој беше прогласен за дебитант на месецот во Бундеслигата во јануари, по доаѓањето на заем од Челси.

Како потсетување минатата недела се одиграа првите четири осминафинални меча на кои беа постогнати следните резултати: Лајпциг – Реал Мадрид 0:1, Копенхаген – Манчестер сити 1:3, ПСЖ – Реал сосиедад 2:0 и Лацио – Баерн Минхен 1:0,

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО