ЛШ: Арсенал против традицијата и Порто, Барса во добар „моментум“ го пречекува Наполи

Во Лигата на шампиони (ЛШ) во фудбал, вечерва ќе се одиграат уште два реванш осминафинални натпревара.

Во Лондон, на стадионот „Емирати“, Арсенал го пречекува Порто (во првиот меч Порто победи со 1:0), а Барселона игра против Наполи (1:1) на олимпискиот стадион „Монжуик“.

„Топчиите“ ги очекува тежок меч во кој ќе се обидат да и’ стават крај на лошата традиција и да избегнат елиминација во оваа фаза осми пат по ред!

Арсенал кој победи само на еден од последните девет осминафинални натпревари во ЛШ (едно реми и седум порази) последен пат играше во четвртфиналето во 2010 година.

Притисокот е врз Арсенал кој игра одлично и прокнижи пет победи, со едно реми, на последите шест меча во сите конкуренции. Во Премиер лигата „топчиите“ ги добија минатите осум меча постигнувајќи дури 33 гола!

Порто исто така е во одлична форма, и како Арсенал забележа пет победи и едно реми, меѓу кои беше „растурањето“ на големиот ривал Бенфика, со 5:0 пред 10-на дена.

Барса е во добар „моментум“, не е поразена на осум натпревари по ред (пет победи и три ремија), а на последните три меча не прими гол. Наполи исто така ја подобри формата откако новиот тренер Франческо Калцона го замени Валтер Мацари на кормилото (две победи и три ремија).

Првиот меч во Неапол го одбележаа стрелците, Виктор Осимен и Роберт Левандовски, за него 93-ти во ЛШ, од кои 18 на 21 настап во осминафинале.

Се очекува тие и вечерва да бидат во центарот на вниманието со оглед на тоа што Наполи нема постигнато гол само на еден од последните 14 натпревари против шпански тимови во ЛШ.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО