Ливерпул е на чекор до комплетирање на „Енфилд роуд“ трибината и до рекордната бројка од 61.000 гледачи на дуелот против Барнли во сабота.
Се очекува на тој меч да биде соборен рекордот од 1949 година за најголема посетеност на „Енфилд“ на лигашки натпревар, 58.757 луѓе, на мечот против Челси (2:2).
Сепак, ниту новореновираната трибина нема да му помогне на Ливерпул да го собори апсолутниот рекорд според посетеност на сите времиња. Станува збор за 61.905 гледачи во февруари 1952 година, кога „црвените“ го победија Вулверхемптон со 2:1 во ФА купот.
Пред реконструкцијата на „Енфилд роуд“, капацитетот на стадионот изнесуваше 54.000 места, откако претходно, во 2016 година, беше реконструирана главната трибина.
Со отворањето на тој дел од трибината ќе се создадат и нови можности за прилив на пари за „црвените“. Целта на клубот е да се надминат приходите од над 100 милиони фунти годишно од натпреварите.
Кога ФСГ го купи клубот пред 13 години, приходите од натпреварите изнесуваа 40,9 милиони фунти. Најновите пресетки, до мај 2022 година, покажуваат заработка од 86,8 милиони фунти.
Во моментов во Премиер лигата, само Манчестер јунајтед (110,5 милиони фунти) и Тотенхем (106,1 милиони фунти) успеаја да ја надминат границата од 100 милиони фунти.