Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа продолжува со добрите игри, а како резултат дојде и денешната победа над првата носителка Маи Хонтама на ИТФ фјучрсот W75 Трнава, Словачка. Ѓорческа во второто коло ја победи противничката од Јапонија со 2:0 во сетови (6:3, 6:1) за два часа и девет минути игра.
Во текот на мечот Македонката имаше седум брејка од 16 шанси, додека на противничката ѝ дозволи три брејка од 19 можности што значи дека успеа да спаси 16 брејк топки во мечот, а притоа скорот на освоени поени беше 88:72 за нашата натпреварувачка.
Во првиот сет Ѓорческа успеа да направи брејк во четвртиот гем кога беа одиграни 18 поени и со тоа ја почна серијата од четири гема и поведе со 5:2 во гемови. За добивање на сетот повторно во деветтиот гем се играа 18 поени и повторно македонската тенисерка го доби гемот, а со тоа и сетот.
Во овој гем Ѓорческа ја искористи четвртата сет топка, а успеа да спаси две брејк топки. Во вториот сет по водството на македонската тенисерка од 2:1 во гемови се играше решавачкиот гем – гемот број 4. Беа одиграни дури 32 поена, Ѓорческа спаси 10 брејк топки, а ја искористи шестата можност за да го освои гемот. По водството од 3:1 во гемови. До крајот на сетот во трите гема скорот во освоени поени беше 16:9 за македонската тенисерка, која ги доби трите гема и сетот со 6:1.
Утре во четвртфиналето Ѓорческа ќе игра против осмата носителка на турнирот Вероника Ерјавец од Словенија.