Македонската машка ракометна репрезентација денеска ги почна подготовките за пласман на Светското првенство (СП) 2025 година што ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка.
Собирот на македонските репрезентативци беше во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Селекторот Кире Лазаров дополнително во националниот тим го повика Мартин Карапалевски, а репрезентацијата треба да се комплетира в недела со доаѓањето на Никола Митревски и Филип Талевски.
– Мораме многу сериозно да работиме во овој период. Фарските Острови во континуитет неколку години остваруваат забележителни резултати и напредуваат. Анализите што ги направивме ни покажаа дека се константни во играта и во двата правца. Да не заборавиме, ја изненадија Норвешка.
Во налет се, веруваат во изненадување против нас. Мислам дека шансите ни се подеднакви. Но, јас верувам во нашите играчи, имаме млад и квалитетен тим што се подобрува како што минува времето. И нашите играчите собираат искуство, сериозно ќе го сфатат противникот, рече селекторот Лазаров на денешниот прв собир.
Првиот бараж меч со Фарските Острови се игра на 8 мај на гости во Торшавн, а реваншот е на 12 мај во СЦ „Борис Трајковски“ (19 часот).