Лабудовиќ: Целта е македонските тенисерки да обезбедат опстанок во Втората Евро-африканска зона

Женската тениска репрезентација на Македонија, од 8 до 13 април, ќе настапи во Литванија, во Втората Евро-африканска зона од „Били Џин Кинг купот“. Македонските тенисерки минатата година на домашен терен триумфираа во Третата Европска зона и со тоа обезбедија пласман во повисок ранг.

– Не’ очекуваат тешки натпревари во Литванија, сега сме дел од групата репрезентации кои се со повисок квалитет и кои во Литванија доаѓаат со најсилни состави. Фаворит за првото место е Хрватска која ја има пријавено Дона Векиќ (34-та на ВТА листата), а од другите селекции, за Естонија треба да настапи Каја Канепи.

Наша главна цел во Литванија ќе биде да обезбедиме опстанок во Втората Евро-африканска зона, рече селекторот Димитар Лабудовиќ во гостувањето на програмата на Спортско радио 90,3 ФМ.

За Македонија во Литванија ќе играат Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ива Данева, Ана Митевска и Теона Андова. Од петте повикани тенисерки единствена дебитантка е Андова.

Мечевите ќе се играат во СЕБ Арена во Вилнус на тврда подлога. Ќе настапат вкупно 11 репрезентации кои ќе бидат подоелени во три групи (две со по четири и една со три тима).

Трите првопласирани репрезентации во групите ќе формираат нова група во која ќе игра секој со секого, по што двете првопласирани ќе изборат пласман во Првата Евро-африканска зона.

Второпласираните од групите во првата фаза ќе формираат група во која ќе игра за пласман од 4-6 место, а третопласираните ќе играат за пласман од 7-9 место. Двете четвртопласирани репрезентации во групите со четири национални тима ќе играат следната година во Третата Европска или Африканска зона.

Лабудовиќ зборуваше и за настапите на најдобрата тенисерка на Македонија, Лина Ѓорческа која тој ја тренира.

– Лина имаше добри настапи на Кипар, првиот турнир го одигра одлично и стигна до финалето, а на вториот турнир почуствува проблеми со една стара повреда на петицата која ја имаше отпорано и не сакавме да ризикуваме.

Превенствена цел сезонава е таа што подобро да се подготви за грен-слем турнирите, односно за квалификациите и да се обиде да го направи најголемиот успех, учество на главниот турнир на „големата четворка“. Лина имаше добар настап на Австралија опен, се надевам дека така ќе биде и на Ролан Гарос, на Вимблдон и на САД опен, истакна Лабудовиќ.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО