Кристијано Роналдо: Немам уште многу години за играње, секоја ми е подарок!

Кристијано Роналдо (39) постигна два гола во победата на Португалија над Р. Ирска (3:0) на последниот тест меч пред Европското првенство (ЕП).

Со тие два гола Роналдо дополнително го подобри својот рекорд според бројот на дадени голови за репрезентацијата, 130, на рекордните 207 настапи. Роналдо стигна и до вкупно 895 голови во кариерата.

Но, првиот гол е историски. Со него Роналдо стана првиот играч кој постигнал гол за репрезентацијата во 21 различна година. Првиот гол го даде на ЕП 2004, против Грција, на првото ЕП во кариерата. Сега, по чудесниот голгетерски подвиг, го чека шестото ЕП.

По мечот Роналдо зборуваше за португалската телевизија: „Знам дека немам уште многу години во фудбалот. Секоја година ми е подарок. Самиот факт што играм по 35-та година е веќе подарок, а јас имам 39.

Затоа се трудам да уживам што повеќе. Важно ми е да бидам физички и психички спремен за да му помогнам на тимот. Знаете доживотно сум во репрезентацијата, во неа сум 20 години и сакам да продолжам.

Што се однесува до ЕП, го сакам фудбалот, и затоа секој натпревар ми е посебен. Ја замислувам гордоста кога ќе играм за Португалија во Германија… Тоа е сон, како кога имав 20 години“, истакна Роналдо.

Според Интернационалната федерација за фудбалска историја и статистика (ИФФХС), овој натпревар беше 1.226-ти за Кристијано Роналдо, со што го надмина поранешниот бразилски голман Рожерио Сени, кој имал 1.225 натпревари.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО