Машката јуниорска репрезентација на Македонија со победа ги започна контролните натпревари во рамките на подготовките за претстојните репрезентативни обврски.
Во првиот тест, одигран во малата сала на СРЦ „Кале“ во Скопје, избраниците на селекторот Миодраг Тодоровиќ ја совладаа селекцијата на Косово со 90:87, иако по првата четвртина имаа негатива од 20 поени.
Во првиот контролен натпревар од подготовките, селекторот Тодоровиќ им даде шанса за настап на вкупно 15 кошаркари.
Најефикасен во редовите на Македонија беше Цветковски со 18 поени. Данев реализираше 12, а Малиниќ натпреварот го заврши со 10 поени.
Подготовките продолжуваат во наредниот период со нови контролни натпревари, кои македонската јуниорска репрезентација ќе ги одигра на гостински терен во Бугарија.