Лукас Васкез и Начо се неопеаните херои на Реал Мадрид. Тие заеднички имаат одиграно вкупно 700 меча и имаат освоено 39 титули во белиот дрес на „кралевите“. Но и покрај овие импресивни бројки, Лукас Васкез и Начо не се во фокусот на вниманието, и се со далеку „пониски“ профили од нивните славни соиграчи.
Меѓутоа последниве недели, ветераните излегоа од сенка и одиграа клучни улоги во маршот на нивниот тим кон уште една титула во Ла лига, можеби и кон нова, 15-та европска.
Во реванш четвртфиналниот меч на Реал во Лигата на шампиони (ЛШ) со Манчестер сити, Васкез (32) го замени Винисиус Жуниор во продолженијата, и успешно го изведе третиот пенал. Тој како играч во кариерата никогаш не изневерил, и не беше изненадување што ладнокрвно ја смести топката во долниот лев агол.
Васкез блесна уште посилно четири дена подоцна, кога Реал и’ гостуваше на Барса во „Ел Класико“. Заменувајки го Дани Карвахал, над него беше направен пеналот за првиот гол, потоа го постигна вториот гол, за 2:2, и на крајот центрираше по што Џуд Белингам го даде третиот, победоносен гол.
Уште еден успешен изведувач на пенали во мечот против Сити беше Начо, кој одигра цели 120 минути во „срцето“ на одбраната и го реализира четвртиот удар од белата точка.
Вербата на Карло Анчелоти во Начо беше јасна во јануари кога клубот одби да се вклучи на трансфер пазарот и покрај повредите на Милитао и на Алаба.
Успехот на Начо во создавањето блескава кариера е уште поимпресивен поради фактот што му беше дијагностициран дијабетес на 12-годишна возраст, една година откако му се приклучи на Реал.
Тој го игнорираше првичниот совет да престане да игра фудбал и сега му припишува заслуга на дијабетесот за развојот на кариерата, кој го принуди на многу рана возраст да научи да преземе одговорност за своето тело и за исхраната.
Како и Васкез, и на 34-годишниот Начо летово му истекува договорот и најверојатно ќе се пресели во Италија или во САД.