Македонија за два дена во Берлин ја очекува уште еден силен противник, Германија, пред полни трибини на арената „Мерцедес-Бенц“ која е со капацитет од околу 17.000 гледачи.
Македонија по доаѓањето од Дизелдорф одржа тренинг, а селекторот Кирe Лазаров во следните два дена ќе се обиде да извлече поуки од првиот меч со Франција за да неговите избраници што поподготвени го пречекаат мечот.
– Направивме анализа по првиот меч. Жалиме поради резултатот, мислам дека беше нереален. Имавме добри моменти, но и такви кога грешевме премногу. Направивме 20 технички грешки, што за противник како што е Франција е премногу. Мислам дека треба да бидеме поконцентрираме, максимално фокусирани, попрецизни и поконцизни во сите сегменти на ракометната игра, вели Лазаров.
Ракометарите на Македонија против Франција одиграа доста квалитетно во првото полувреме, но промашија доста чисти шанси и направија многу грешки.
– На полувремето требаше да имаме подобар резултат. Еден сериозен тим не смее да си дозволи да прима голови во последна секунда. Против таков тим, па дури и против послаб, мора да се има концентрација на повисоко ниво. Мора да го промениме нашето, македонското. Лесно е да се каже, ама тоа мора да се поправи преку тренажен процес. Се сложувам и со некои критики, дека мора да одиме на повеќе контакт, истакнува Лазаров
Следниот противник Германија во првото коло убедливо ја совлада Швајцарија со 27:14. Слично како и Французите и Германците се фаворит против Македонија. Според најавите од германскиот табор, тие се подготвуваат за игра на Македонија седум на шест.
– Веројатно ќе играме „седум на шест“ и со Германија, свесен сум дека тие ќе бидат подготвени за тоа. Ние имаме кружни напаѓачи кои можеме да ги користиме за таков тип на игра. Мојата филозофија не е Македонија да игра таков тип на ракомет, така ме водеше чувството против Франција. Бевме немоќни кога тие одеа на контакт со ист број ракометари, изјави Лазаров.