Кардиф: Штетата поради смртта на Сала изнесува 120 милиони евра

Фудбалскиот клуб Кардиф ги проценува загубите на повеќе од 120 милиони евра во спорот со Нант за смртта на Емилијано Сала во авионска несреќа во 2019 година, потврди адвокатот на клубот од Велс.

„По анализата направена од правен експерт, штетата на Кардиф се проценува на 120,2 милиони евра“, изјави адвокатката Селин Џонс за Франс прес, со што ја потврди информацијата која прв ја објави францускиот спортски весник „Лекип“.

Таа анализа официјално ќе биде доставена до трговскиот суд во Нант, кој треба да го одреди рокот за продолжување на постапката за овој случај.

Аргентинскиот напаѓач Емилијано Сала, на 28-годишна возраст, загина во јануари 2019 година во авионска несреќа над Ла Манш. Тој тие денови го реализираше трансферот од Нант во Кардиф.

Кардиф смета дека Нант е одговорен за летот на кој патувал Сала и затоа поднел тужба до судот на Нант барајќи компензација за загубата на приходите и други штети што клубот ги претрпел поради смртта на аргентинскиот фудбалер.

Претходните проценки за оваа штета изнесуваа 100 милиони евра.

Во друга постапка поврзана со спортот меѓу двата клуба, ФИФА минатата година му наложи на Кардиф да му го плати на Нант остатокот од трансферната сума за аргентинскиот играч, во тоа време нешто повеќе од 11 милиони евра од вкупно 17 милиони евра.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО