Капитенот на Србија повеќе нема да игра за репрезентацијата? Причината е лошиот однос со Пикси

Капитенот на Србија, Душан Тадиќ (35) ќе се повлече од репрезентацијата, пишува Телеграф. Одлуката се’ уште не е официјална, но искусниот офанзивец, наводно решил повеќе да не настапува за репрезентацијата, а како веројатна причина се наведуваат недоразбирањата со селекторот Драган Стојковиќ Пикси.

По поразот на Србија од Англија, Тадиќ го прозва Пикси бидејќи не беше во стартниот состав и рече дека мисли оти е најдобриот играч во репрезентацијата.

Тој се пожали и за тоа што не доби поголема минутажа на решавачкиот меч против Данска, на кој Србија не успеа да ја забележи потребната победа, нагласувајќи дека Лука Модриќ и натаму е незаменлив во Хрватска иако е три години постар од него.

На одлуката на Тадиќ веројатно влијаеле и коментарите на Стојковиќ по финалето на ЕП.

– Уште еден детал од синоќешниот натпревар ми остави силен впечаток, а тоа е што Хари Кејн и Алваро Мората ја напуштаат играта. Двајца капитени, двајца лидери на нивните репрезентации.

Ниту еден гест, ниту најмала реакција што би го нарушила тимскиот дух. Нема самобендисаност, суета, сите се во служба на колективиот, победата е заедничката цел, изјавил Стојковиќ.

Тадиќ моментално е член на Фенербахче, а за српската репрезентација настапува од 2008 година. За 16 години има забележано 111 настапи и постигнато 23 гола.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО