Нашата одбрана сигурно ќе има потежок ден против Шпанија отколку на дуелот против Албанија, најави италијанскиот фудбалски репрезентативец, Давиде Фратези (24) пред мечот од второто коло во групата Б на Европското првенство (ЕП).
Европската фудбалска класика меѓу Италијанците и Шпанците е закажана за четврток, во 21 часот. На стартот Италија ја победи Албанија со 2:1, а Шпанија беше подобра од Хрватска, 3:0.
– Речиси е сигурно дека ќе имаме помал посед на топката отколку против Албанија. Ќе има моменти кога ќе треба да бидеме многу фокусирани на одбраната, но мора да издржиме.
Исто така, мора да покажеме максимална ефикасност. Треба да ги реализираме можностите што ќе ги создаваме, изјави Фратези.
Фратези, играчот од средниот ред на „азурите“ потенцира дека „Шпанецот Родри во моментов е најдобриот играч за врска во светот“.
– Шпанија е поинаква од порано, играат модерен фудбал во вистинска смисла на зборот. Треба да се признае и да се каже дека имаат посилен индивидуален квалитет од нас, и затоа мораме да им се спротивставиме со италијанскиот тимски дух, додаде тој.