Искусниот српски кошаркар Димитрије Николиќ (28 години, 211 см) е најновото засилување на МЗТ Скопје, откако денеска официјално стави потпис на договорот со аеродромци.
Станува збор за искусен центар, кој зад себе има богата кариера и настапи во голем број екипи, како во Србија, така и во регионот и пошироко. Кариерата ја почна во Раднички од родниот Крагуевац, по што четири сезони (2017–2021) беше дел од белградски Партизан. Потоа настапуваше за Слога Краљево, Слобода Ужице, ФМП и Златибор, додека првото интернационално искуство го стекна во романска Крајова, каде што играше во два наврати. Во својата кариера ги носеше и дресовите на романски Брашов и литвански Невежис.
– Од Николиќ се очекува да донесе дополнителна цврстина и сигурност во рекетот, каде што со својата висина, физичка сила и искуство ќе биде важен адут на МЗТ Скопје на двете страни од паркетот. Тој е четвртото интернационално засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по Американците Лесли Ворнер и Ноа Фарахан, како и босанскиот центар Емир Крајиниќ. Договори со клубот имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски, додека тренер на екипата останува Васко Атанасов, информираат од МЗТ.
Во сезоната што следува МЗТ Скопје ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.