Кошаркарскиот тренер Марјан Илиевски и КФМ потпишаа четиригодишен договор, а целта е Македонија да тргне во претквалификациите со она што располага, а потоа да следи подмладување и нова крв во сениорскиот состав.
Ситуацијата околу странецот во тимот е под прашалник, затоа што договорот на Ти-Џеј Шортс со Македонија е истечен и се чека на неговиот одговор.
„Затекнати сме во една ситуација која е неблагодарно да говориме каква е моменталната состојба, затоа што не можеме да го коментираме сега. Сите сме дојдени и седнати на ова место да одговориме за она кое треба да биде во иднина. Сето она кое јас го очекувам, како од себе, мојот стручен тим, од медиумите и клубовите кои треба да се голем фактор во создавање на оваа селекција, е да бидеме вклучени во ова, за да го подигнеме сето ова и да си подадеме рака. Зошто ги спомнвуам клубовите? Мора да извршат влијание кон играчите кои ќе го носат репрезентативниот дрес. Се надевам дека нема да наидеме на оспорување од некои играчи, како и од времето на волшебниот систем на бројка на репрезентативци во селекцијата, со цел да се добие повисок ваучер. Апел до сите клубови, да размислуваме за доброто на кошаркарската репрезентација, без разлика на тој ваучерски систем.
Околу странското име, завршен е договорот на Ти-Џеј Шортс со раководството, не знаеме со што ќе располагаме и каков ќе биде ростерот. Андреј Јакимовски има желба да биде пррисутен на првиот прозорец во август, иако има обврски со летната лига. Има најавено дека ќе задоцни пет до шест дена. Тоа се случува и со другите играчи. Во ситуацијата која што е, неблагодарно е да кажеме дека немаме потреба од најдобрите плејмејкери во Европа, но ако од негова страна тој дојде до ситуација да нема повеќе желба да биде дел од оваа репрезентација, ние бараме решение од странски играчи со македонски пасош. Но, од оние кои сме заинтересирани, се уште се во ритам и играат мечеви. Колку тоа ќе биде доволно да ги добиеме нашите желби ако се потребни, е знак на времето. Со останатите играчи немам разговарано, чекавме да помине оваа денешна најава и прес, па да имаме разговор. Драго ни е што Јакимовски ќе биде дел од оваа приказна, а се што е останато, не можам да одговорам.
Ненад Димитријевиќ е столбот на Македонија. Кога ќе помине сето ова, првото нешто што ќе го направам е ќе го побарам него. Сезоната која што ја измина е таква каква што не ја очекуваше. Мислам дека за него доаѓаат уште подобри времиња и клубови и тренери, а ние како стручен штаб имаме желба да биде присутен во екипата.“, изјави Илиевски.
Првата задача на Илиевски ќе биде кога Македонија во август ќе настапи во втората фаза од претквалификациите за Светското првенство 2027. Противници ни се селекциите на Романија и Унгарија, а само двете најдобри репрезентации од групата ќе обезбедат пласман во главниот квалификациски циклус.